Гурманите велат дека најдобра е скарата испечена на ќумур од дрва. За време на печењето на скара мора да внимавате месото и рибата да не загорат дури ниту на краевите, бидејќи според лекарите изгореното месо може да делува канцерогено. Доколку се случи краевите на месото да ви загорат, исечете ги.
Месото и рибата ќе бидат повкусни доколку пред печењето отстојат извесно време во маринада – мешавина од зејтин и зачин. Месото за скара не треба пред печењето да се соли, бидејќи солта ја извлекува водата, па ќе истечат драгоцените сокови и печеното месо ќе биде суво и помалку хранливо. Најдобро е месото да се посоли пред крајот на печењето.
Месото и рибата нема да се лепат за скарата доколку пред секоја нова „партија" скарата се премачка со вински оцет.
Месото, рибата и компирот може да се печат на скара завиткани во алуминијумска фолија, така ќе бидат побрзо готови и посочни. Треба да се стават на сјајната страна на фолијата, краевите да се соберат и свиткаат, а потоа да се стават да се печат на решетката од скарата.
Телешкото, рибата и пилешкото месо се печат на умерено загреана рерна, додека за јунешкото и свинското месо потребна е поголема температура. Помалите парчиња треба брзо да се испечат, додека поголемите и подебелите парчиња мора да се печат подолго, побавно и на пониска температура, за да бидат подеднакво испечени во средината.
Добро е поситното месо и рибата за време на печењето неколку пати да се премачка со зејтин или сланина за да биде повкусно и посочно.
Доколку за време на печењето месото треба од било која причина да се измие, направете го тоа со топла вода, која ќе ги затвори порите и ќе спречи да истече сокот од месото. Потоа исушете го месото со платнена или хартиена салфета и ставете го на скара.